И ти си “контрол фрик”, ете така народски би си искоментирале измеѓу себе, признавајќи некој повеќе некој помалку дека имаме потреба да ги контролираме работите околу себе. Од каде ли ни доаѓа таа потреба, дали ни е корисна и што всушност сакаме да постигнеме со контролата на работите околу себе?
Во последно време се наоѓам во многу чести ситуации кои ме навлекуваат да размислувам подлабоко на овие прашања, за контролата што сакаме да ја поставиме кон животот, над однесувањето на нашите најблиски, соработници, семејство или пријатели.
Можеби не баш случајно во ова време темава да се наметнува како актуелна и интересна поврзана со чудното секојдневие кое го живееме, но факт е дека е дел од нашето секојдневие, се случувало и ќе се случува и понатаму. Клучен е моментот на осознавање за тоа што ни се случува, дали ни носи корист и што сакаме да задоволиме со оваа потреба.
Секој еден од нас, барем еднаш во животот се нашол во ситуација кога имал слична потреба за контрола, некои си признале некои одбиваат, но свесноста над нашето однесување е она кое треба да не донесе до одговор на овие прашања. Колку повеќе ги освестуваме овие работи кои некојпат не ни се корисни, толку повеќе имаме можност да растеме и да се развиваме, достигнувајќи повисок степен на цивилизација.
Па така инспирирана од ситуации во моето опкружување, со тек на време дојдов до сознание за мојата потреба да бидам “контрол фрик” со убедување дека со контрола над себе и над животот можам да ги остварам целите кои сум ги поставила, а тоа полесно ќе ме донесе до среќата на мојот живот. Убедувањето ме носеше до таму па се гордеев со мојата “способност” за контрола. Голема вистина но и една заблуда се крие позади контролирањето на работите кои ни значат.
Искрено бев запрепастена колку оваа потреба ми го отежнувала животот и колку многу труд и време сум потрошила убедувајќи ги луѓето што е исправно а што не, што е фер а што не, и конечно што е човечки а што не. Убедена дека давам се од себе, многу често и не вродило со плод.
Човекот има најголема моќ само ако е способен за промени, за раст и развој и ако умее да се прилагоди на новите ситуации околу себе без при тоа да собира куп фрустрации и да ги истура наоколу.
Носејќи ме ова убедување од друга страна, по одреден временски период на освестување и личен развој открив две невистини и една вистина поврзани со оваа тема за самоконтролата и потребата за контрола над другите.
Ако се стремам кон промени и самата се трудам да растам и се развивам, тогаш логично е моите мисли и чувства да не се фиксни. Како тогаш било кој од нас може да биде параметар за споредба и да контролира и оценува дали туѓото однесување е исправно или не, па дури и да станува збор за нашите деца за чие воспитување сносиме потполна одговорност?
Нашето его игра многу голема улога во начинот на кој ја поставуваме контролата околу себе, па затоа е битно да не не одвлече во насока во која тоа веќе не е прифатливо и за нас и за другите околу нас. Чувството дека јас знам како треба, или дека јас имам подобра информација или дека сум попаметна од останатите не е баш продуктивно во начинот на кој тоа го изразуваме, иако знам дека намерата најчесто ни била најискрена.
Од друга страна пак свесна сум дека било каква контрола над мене ми буди чувство на бес, фрустрација, се бунтувам и гласно го покажувам тоа. Зошто јас не дозволувам да бидам контролирана, а ми се јавува потребата да ги контролирам однесувањата на другите околу себе?
И едните и другите, и оние кои признаваме и оние кои не се свесни за својата потреба од контрола, и оние кои беснеат кога имаат чувство дека некој ги контролира, сите еднакво ја имаат истата потреба. Сакаат само да бидат среќни и да се чувствуваат добро.
Од оваа перспектива ако си го поставиме прашањето од почетокот, зошто имаме потреба да контролираме, одговорот е дека само сакаме да се чувствуваме добро. И целиот напор кој го вложуваме во насока на контрола над одредена ситуација, животот, се околу нас е залуден ако не се работи за контрола која можеме самите да ја управуваме. Како?
Самоконтролата е супер вештина која ја поседуваат луѓе кои се многу свесни, посебно ако е насочена во правец на она што не прави да се чувствуваме добро. На пример, контрола над нашите мисли, контрола во управување со нашето време, контрола над нашите постапки и најбитно контрола над нашите убедувања кои многу често зборувавме дека сме ги наследиле, стекнале или ни се наметнале од семејството, училиштето, околината околу нас и за кои често пати и покрај тоа што не ни служат им придаваме огромна важност.
Наместо да губиме енормна енергија да ја контролираме реалноста околу нас, да се трудиме да го контролираме се она што ја креира нашата реалност. Да почнеме со сопствените мисли и потези, нешто што дефинитивно зависи од нас, дали денот ќе го поминеме со фокус на негативните работи кои не опкружуваат или нашата потреба за контрола ќе ја насочиме во позитивните и сите можности кои ги нуди нашето секојдневие, па истражувајќи ги можностите ќе креираме нови и поставиме нова реалност за кратко време.
Способност е да имаме контрола над работи кои зависат од нас, како на пример, со кого да се дружиме, со кого ќе разменуваме убави моменти, каде и како ќе го користиме нашето време, се она што ќе направи да се чувствуваме добро. Што ќе читаме, што ќе гледаме, какви информации ќе прибираме и споделуваме кого ќе следиме на социјалните мрежи, колку ќе вежбаме, како ќе се храниме. Умешноста е да бидеме контролери над овие битни работи кои секако ќе не направат посреќни.
Наместо да ги контролираме однесувањата на другите затворени во кругот на фрустрација и бес, со срушени очекувања, учиме заедно да го контролираме животот, креирајќи реалност која самите ја посакуваме.