Заплеткани во магичниот круг на благодарноста

Во последно време размислувам како околу нас сѐ повеќе провејува чувството на бес, несреќа, загриженост и тага. Сигурна сум дека не е случајно, но упорно барам начин да си го објаснам тоа. Не е толку тешко да се претпостави со оглед на сите бури кои нѐ предизвикуваат, но сепак никако лесно не можам да прифатам дека тоа треба да ни биде новиот стил на живот.

Денес е многу лесно да се внесеш во лоша емоција, дури не треба ни да се потрудиш повеќе. Ни се сервираат тажни вести, нѐ опкружува фрустрацијата, од секаде надзира неправдата, немоќни сме да си ја најдеме среќата. Дали е тоа вистински така? Дали тоа  можеби не е само нашиот поглед кон светот или е реалноста која секојдневно ја живееме?

Пред многу години, во рамките на една програма за лична едукација, добив задача да напишам благодарност до некого и нешто. Со оглед на фактот дека имав 28 години и бев во блажена состојба, од прва како од пушка напишав дека сум благодарна за можноста да бидам мајка, на моите родители кои ме создадоа, на моето семејство. Имав точно 15 минути, а остатокот од 12 минути сѐ уште размислував што следно треба да дополнам на листата.

Сега, кога се навраќам на тоа време од пред дванаесетина години, разбирам дека тогаш не сум била спремна да го прифатам фактот дека моето лично убедување за благодарноста бил различен.

Благодарноста не треба да биде само резултат на моменталната среќа и убавите работи кои ни се случуваат, туку наш став за можноста да осознаваме  и кој треба да го негуваме практикувајќи го сѐ почесто. Да бидеме благодарни на секоја ситуација, на сите нови искуства, различните емоции кои ги доживуваме, воедно истражувајќи колку сме подготвени за нови предизвици.  

Понекогаш ни се потребни години да разбереме зошто некои луѓе се однесувале лошо кон нас, зошто нѐ разочарале или зошто ни се случила некоја животна неправда. Можеби звучи несвојствено да се заблагодариме на отказот на работа, на прекинатото пријателство, на одредена измама. Дали ни е полесно да веруваме дека со тоа ќе ја ублажиме важноста на нанесената неправда кон нас?

Секое наше разочарување и тешка ситуација во животот ни укажува на одреден пореметен баланс во нашиот внатрешен мотивациски систем. Наместо да се обвинуваме себеси или оние кои ни ја нанеле неправдата, дали можеби не треба истите да ги гледаме како гласници на одредена порака која сме требале да ја добиеме?

И наместо да бидеме фрустрирани, трагајќи по виновникот, посигурно е дека чувството на  благодарност ќе ни донесе мир, спокој и радост, затоа што сѐ ова што ни се случува во нашите животи е или лекција или благослов. Ако сме мислеле дека е неправедно, лошо или штетно, ќе разбереме дека тоа е резултатот само на нашата перцепција, неможноста да го прифатиме она што ни се случува, односно рефлексија за нашиот капацитет за разбирање на една нова ситуација и едно ново време. 

Најчесто сме благодарни на сѐ што имаме во нашите животи, на работа, семејство, пријатели, топол дом и притоа да се чувствуваме убаво.Но дали можеме да бидеме благодарни на се останато што ни се случува?  Постојаното присуство на чувството на благодарност ќе ни потврди дека сме го изградиле нашето ново убедување и сме благодарни што воопшто имаме прилика да го живееме овој живот со сите убавини, но и сите предизвици преплетени во него. Да бидеме благодарни што сме излегле од сопствената зона на комфор, да бидеме благодарни на приликата да ја гледаме ситуацијата од друга перспектива, да бидеме благодарни зошто имаме можност да работиме на себе и да растеме.

Интересно е што многу од нас, иако се вистински благодарни, тешко им паѓа да го изговорат зборот благодарам. Тој моќен збор со кој ја изразуваме нашата благодарност кон другите луѓе директно зависи од нашата способност да изградиме јаки релации со луѓето околу нас. Полезно е често да ја вежбаме благодарноста, да ги подучуваме нашите деца да бидат благодарни наместо да се постојано незадоволни. Со тоа ќе им помогнеме многу, кога ќе пораснат полесно да си ја пронајдат својата верзија на среќа.

Многу од нас ќе се побунат и ќе кажат дека фокусот на позитивните работи во овие тешки времиња е многу полесно да се каже од колку вистински да се практикува. Можеби и ќе бидат во право. Но едно е сигурно, колку повеќе сме благодарни, толку сме посреќни, а колку повеќе сме среќни, толку сме поблагодарни!

Напишете коментар