Да тоа сум јас – Што ми носи самодовербата?

Сигурно во најблиското опкружување можеме да забележиме голем број воспитани, чувствителни, образовани и добронамерни луѓе, а кои се несигурни во себе. Можеби и самите се препознаваме во описот. Невозможно е да не се запрашаме, што е тоа што ги прави несигурни сите овие луѓе со огромен потенцијал во себе? Што ги спречува овие луѓе да ги остварат своите цели, а кои на изглед имаат сѐ што е потребно? Зошто остануваат засенети целиот свој живот?

Искрено сакам да верувам дека сме сите родени со почетна доза на самодоверба, но истата е задушена и недоволно развивана при усвојување на штетниот концепт на споредување со другите. Од мали нозе нѐ учат како треба да бидеме воспитани, пристојни, достоинствени, да бидеме добри ученици и вредни работници.

Нѐ учеа дека треба да се угледаме на нашите соученици кои беа одлични, на нашите соработници кои се вредни, и на нашите постари предци кои често се споредувале со комшиите.

Но ретко кој ја спомнува самодовербата. И така пробувајќи да се вклопиме во општествените норми и улоги, губиме дел од својата автентичност, својата самодоверба исполнувајќи туѓи очекувања. На крајот ни се гледаат успешни оние кои успеале да стекнат самодоверба, која може да е и лажна, па научиле добро да ја одглумат.

Од друга страна сигурно познаваме луѓе кои и покрај своите недостатоци во вештини и способности сепак успеваат да блескаат. Ним сигурно не им недостига самодовербата!

Во професионалниот живот како и во нашиот личен живот, самодовербата е предуслов за преземање на конкретна акција. Треба да веруваме во себе, во своите способности, вештини и страсти. Верувањето во себе е симбол за исклучително лидерство, а самодовербата ни дозволува да управуваме успешно со своите цели и да ги инспирираме другите со самоувереност во нашите ставови.

Учењето како да веруваме во себе, подразбира градење доверба во нашите способности, како и сакање на самите себеси – делови од нашата личност, перспектива и искуство што нѐ прават уникатни.

Во суштината на самодовербата е разбирањето дека ние и исклучиво самите ние сме двигател на нашиот сопствен успех. Таму се гради личната моќ, таму е мостот за надминување на предизвиците во нашиот живот.

За да стекнеме самодоверба не треба бесконечна сила или магично стапче. Во суштина се работи за пронаоѓање на нашата внатрешна сила со која ќе се прифатиме самите себеси со сите свои подеми и падови и со став дека секој предизвик носи нови вештини, разбирање и сила. Нашата внатрешна сила доаѓа од сликата која ја имаме за себе и сите активности кои секојдневно ги превземаме.

Заради тоа треба да се трудиме сликата да биде позитивна, со многу доверба кон себе и свесност кон своите лични вредности.

Во основа доказ дека сите ние се раѓаме со самодоверба е и примерот со нашето проодување. Никој од нас не се откажал од одење само затоа што имал лошо искуство при проодувањето. Туку напротив, сме продолжиле да се трудиме и понатаму. Патот на стекнувањето на нашите лични искуства, верувањата кои сме ги креирале сами или под дејство на нашето опкружување директно влијаеле да ја зголемиме или сосема да ја изгубиме самодовербата.

Како да направиме споредба на луѓе кои имаат самодоверба и оние на кои таа им недостасува. Па доволно е да набљудуваме како тие се справуваат со проблемите. Тие ги прифаќаат како уште една прилика да пораснат, да се надградат, да освојат. Тие луѓе веруваат во своите способности и многу силно се почитуваат себе си. Најчесто се тие кои им помагаат и на другите луѓе затоа што разбираат дека никој не е совршен и секој треба да се надградува и расте доживотно.

Како да ја зајакнеме својата самодоверба? Одговорот е единствен. Треба да работиме на своите вештини. И колку повеќе сме свесни што се ни недостасува, толку сме поблиску до целта.

Зошто се битни комуникациските вештини за развој на самодоверба? Затоа што така ќе се чувстуваме покомотно на сите социјални настани. Ќе ја јакнеме самодовербата преку директен контакт со очи и преку активно слушање на разговорот со соговорникот. Ќе поставуваме логички прашања наместо да се натпреваруваме да го наметнеме сопствениот став. Така ќе ги зајакнеме и релациите со другите луѓе околу нас.

Зошто е битно да си поставиме цели? Затоа што ако имаме јасни цели многу полесно ќе можеме да ги оствариме, а со тоа индиректно ќе се наградиме и себе си со зајакнување на самодовербата. Важно е на почеток тие цели да бидат мали и лесно остварливи, за да расте нашата мотивација.

Зошто е битно доживотно да се надградуваме? Затоа што креираме нови искуства, нови вештини, нови видици. Тоа сигурно ќе направи да се чувствуваме посигурни.

Зошто е битно да бидеме задоволни од себе? Затоа што секој кој се чувствува убаво во својата кожа и е задоволен од тоа како изгледа и како напредува, од ден на ден гради се поголема самодоверба.

Зошто е битно јасно да го кажуваме својот став? Затоа што бранејќи ги своите ставови ќе вежбаме самодоверба. Нема потреба сите да знаат дека и не сме најсамоуверената личност, но барем ќе почнеме да креираме таков став. Со вежбање на тој став побрзо ќе дојдеме до вистинска самодоверба.

4 Comments

  • Мими

    јуни 10, 2020 at 08:29

    Ти благодарам Билјана, со задоволство ги очекувам вашите прeдлози за блоговите што ќе следат, конкретни теми за кои вие имате потреба да прочитате нешто повеќе, се во насока на личен развој и самоосвестување! Со љувов, Мими

    Одговори
  • Философско прашање

    јуни 20, 2020 at 23:17

    Еден татко имал две ќерки, и двете еднакво надпросечно интелигентни. Едната била многу убава, а другата со просечен изглед. Kоја имала поголема самодоверба?

    Одговори
    • mimi_admin

      јуни 24, 2020 at 13:34

      Супер прашање! За да можеме
      да зборуваме на темава, многу битно е да дознаеме дали онаа која била многу убава била свесна за своите квалитети? Или обратно, за онаа која била со просечен изглед, дали имала сопствено уверување дека тоа и носи некаков недостаток? Одговорот се крие во нас, нашите уверувања и нашата свесност за квалитетите кои ги имаме, но и маните и недостатоците и способностите кои ги поседуваме за да може успешно да управуваме со нив. Дали е ова доволно за почеток на една добра дискусија? поздрав Мими

      Одговори

Напишете коментар