Секојдневно слушам и се соочувам со многу чести изреки дека сме во постојана борба. Борба за подобар живот, за среќа, успех, за здравје, љубов и уште еден куп други работи. Дури и себеси се фатив како некогаш гласно извикувам “еве се бориме”, “еве војуваме” , со цел да објаснам дека се прават максимални напори да се постигне одредена цел.
Соочени со различни животни предизвици, успеси и падови, луѓето имаат стекнато мислење дека животот е борба и дека победата е главната цел. Во основа животот никогаш не бил замислен така. Зошто светот би бил вечно боиште, а луѓето пoстојани војници?
За секого од нас реалноста е различна со различни искуства во животот, па со самото тоа имаме различни верувања и погледи на животот. Мојот поглед е дека животот не треба да биде борба, затоа што секогаш кога се бориме против нешто, тоа зема жртви и се прават големи загуби. Зарем кон тоа треба да ни биде фокусот, кон тоа ли треба постојано да ни биде насочено вниманието?
Често наидуваме на препрака или проблем, но најдлабоко верувам дека тие се поставени да нѐ научат и да нѐ направат посилни, а не да нѐ обесхрабрат и да се откажеме од нашите животни цели.
Она што најмногу ме мотивира е желбата за успех и реализирање на моите соништа и тука мислам секој треба да ја насочи својата енергија, па наместо борба да може да го постигне сето ова со позитивно и квалитетно работење.
Можеме ли да се фокусираме на она што го сакаме и што ни прави задоволство, а на негативните појави да реагираме така што нема да им дозволиме да бидат нашата основа за борба и со самото тоа да не преовладаат во нашето секојдневие? И не затоа што така треба да биде, туку само затоа што ќе ни го олесни патот кон остварување на нашата животна среќа.
Само да замислиме како би изгледал светот кога секој од нас би си ја остварил својата цел без да ги загрозува останатите? Колку повеќе задоволни луѓе би среќавале тогаш? Токму затоа не ја гледам потребата да се бориме само за да бидеме во право, туку упорно да се трудиме да успееме во замислата, да живеме во спокој опкружени со луѓето кои ги сакаме.
И да не се разбереме погрешно, целосно се сложувам дека секој треба да се “бори” за да ги оствари своите сништа, но се прашувам дали во таа животна борба треба да има правила на игра?
Продуктивните системи многу ретко ги земаат во обзир емоциите. А тие пак се основата на човековата природа. Нив не можеме да ги игнорираме баш поради начинот на кој мозокот функционира.
Секогаш кога разумот и емоциите се натреваруваат, скоро секогаш победуваат емоциите. Истражувањата покажуваат дека секогаш кога се бориме против нашите чувства, борбата само ги нагласува емоциите уште повеќе.
Кога најлесно можеме да се мотивираме?
Тогаш кога сме добро расположени и среќата ја зголемува нашата продуктивност и нѐ прави уште повеќе успешни.
Безброј пати сум пробала да се мотивирам пред почеток на одреден проект, личен или професионален, со целосна подготовка, поставени цели и услови од кои зависи мојата мотивација. Секогаш бил потребен соодветен “момент” или искра од која ќе зависи почетокот на акцијата.
Во основа тој “момент” или искра не постојат и не ни постоеле. Чекањето на вистинскиот момент за мотивација е мит и многу често наш изговор за да ги пролонгираме работите за кои немаме доволно воља. И кога ќе разбереме дека мотивацијата не ни ја носи никој, туку е во нас самите и само треба да ја активираме, тогаш ја имаме контролата во свои раце и почнуваме да делуваме.
Како да ја активираме сопствената мотивација?
Да се потсетиме дека секогаш кога нешто работиме за што е потребна мотивација, го правиме тоа затоа што самите сме донеле таква одлука. И тоа е наш избор, а не принуда. Само со слободен избор и јасна одлука поставуваме реален предуслов за самомотивација.
Многу е важно да направиме реален план со одреден временски рок секогаш кога ќе посакаме да реализираме одредена работа. Кога знаеме каде се движиме и до каде сме во секој момент од нашите чекори кон остварувањето на нашата цел, имаме уште поголема мотивација и поголема сигурност дека тоа што сме го наумиле ќе го реализираме.
Дополнително, и во организациите, менаџерите очекуваат висок степен на мотивација од своите вработени, но многу често забораваат дека тие треба да бидат пример за она што го очекуваат од нив. Со други зборови, личната мотивација и ставот кој го имаат лидерите е темелот за продуктивна атмосфера во тимот и организацијата.
Кога имаме поттик, енергија и инспирација за одредена задача, ние сме мотивирани. Но што се случува кога нешто од ова недостига?
Тогаш најдобро е да се потпреме на нашите внатрешни фактори на мотивација за да бидеме сигурни дека сме на патот кон реализација. Внатрешните фактори на мотивација најмногу зависат од нашите вредности и потреби и за тоа многу луѓе не се свесни. Во основа тоа е тоа што нам ни е навистина важно.
Добро е да ги ставиме на хартија нашите вредности и да ја следиме нивната реализација за одреден временски период. Многу појасно ќе ни биде зошто не сме среќни или зошто не сме доволно мотивирани за да ги оствариме нашите сништа.
Задоволство и среќа – зарем тоа не е исто?
Задоволството и среќата се две важни состојби кон кои целиме. Која е сличноста, а која разликата? Што е постојано, а што е поважно? За што целиме? Што ќе избереме?
Задоволство најчесто зависи од надворешните фактори (нови чевли, убава фризура, добра плата, погодено јадење или специфичен пијалок). Тоа е наше искуство кое ни произведува добри чувства и за жал трае релативно кратко. И баш кога сме несреќни, утеха бараме во задоволство, верувајќи дека тоа ќе нѐ извади од таа состојба на жал, болка, тага, празнина и итн. Ефектот е краткотраен и не ја задоволува нашата цел – да бидеме среќни.
Среќата единствено зависи од нашата одлука и тоа е патот кој треба да го избереме. Тоа е внатрешна состојба на длабока исполнетост и поставувањето на целите за лична среќа не се воопшто лесни. За да бидеме среќни и да ја постигнеме нашата цел потребни се вештини за да ги надминеме сите препреки кои стојат на патот кон среќата, но и надминување на сите стравови кои сме ги искусиле попатно. Овие вештини се процес на доживотно учење и постојано лично созревање и развој.
Кога имаме чувство дека се задоволени сите наши потреби во одреден момент, по приоритет (тело и ум, безбедност, дом, припадност, љубов, исполнети цели) се јавува чувството на среќа.
Дали сите мора да бидеме среќни?
Огромен е притисокот од околината дека сите мораме да бидеме среќни. Сите упорно и неуморно се трудиме да бидеме среќни. И уште повеќе поради тој притисок чувстуваме поголема неуспешност во патот на реализација на нашата среќа.
Познавам многу луѓе за кои среќа е да патуваат и да осознаваат нови работи. И јас се чувстувам одлично кога патувам посебно на места кои не сум ги посетила, или во кои веќе сум доживеала посебни емоции. Но она што е вредно за спомување е дека многу долго време ми беше потребно да разберам дека не мора да одам никаде за да го добијам она што го сакам и да ја пронајдам сопствената среќа. Тоа чувство веќе постои во сите нас и треба само да биде откриено и потенцирано и да му се дозволи да преовладува што е можно подолго, без разлика каде сме.
Е баш тоа е најтешкиот дел од нашето патување. И тогаш никогаш повеќе не да мораме да бегаме од нашето секојдневие, да посакуваме да го промениме нашето живеалиште за да ја најдеме сопствената среќа. Нема да имаме чувство дека губиме драгоцено време проживувајќи споредни и небитни работи додека трагаме по нашата среќа.
Среќата е дефинирана како баланс помеѓу тоа што го мислиме, правиме и зборуваме. Доколку сакаме побрзо да стигнеме до сопствената среќа мораме гласно да си ги одговориме овие прашањета: Што е среќа за нас? Кој е одговорен за нашата среќа? Имаме ли јасна цел како можеме да ја пронајдеме нашата среќа?
Да се биде среќен не е благослов, туку постигнување. Не можеме да влијаеме на нашите гени но секако можеме да работиме на нашите вештини и на влијанијата кои постојано ги добиваме од нашата околина.
Ако веќе сме наследиле став од нашите родители дека е многу тешко во денешно време да бидеш среќен или дека успехот ги расипува луѓето, тоа дефинитивно можеме да го промениме.
Кога веруваме во нашите способности и кога веруваме дека животот може да биде убав, тогаш сигурно и ќе превземеме активности кои ќе нѐ донесат до таков живот.