Разочарувањето е мајка на нашите очекувања

Мислев дека веќе непостои начин кој што може да ме повлече во разочарување, но деновиве повторно се потсетив дека секоја граница може да биде поместена. Во моменти на криза, во денови на збуричкани емоции, мојата рационална свест повторно беше вовлечена од моето убедување  дека луѓето кои ме опкружуваат имаат високо развиено чувство на емпатија.
Разочарувањето е мајка на нашите очекувања. Денови наназад ми се провртуваше оваа реченица низ глава, некаде ја прочитав или случајно ја видов, па ме наведе на подлабоко размислување на темава.

Веројатно ме погоди суштината зошто сум една од оние кои многу се даваат во релациите со луѓето, од оние кои одвојуваат многу време од сопственото за другите околу себе да се чувстуваат добро, од оние на кои туѓата среќа им е подеднакво битна како и сопствената. И тоа е мојата одлука, мојата внатрешна мотивациска вредност и потреба да се чувствувам подобро.

Лудо или не, видливо или магловито, но дефинитивно реално, нам секојдневно ни се отвараат нови “видни” полиња, но од нас зависи колку од нив ќе ги препознаме и на кои ќе изреагираме. Некој пат е потребно само мало потурнување за да ни се разбистри големата слика, а некојпат на толку труд и мака, остануваме слепи, упорно непрепознавајќи ја лекцијата која треба да ја научиме.

Едно од прашањата кое многу често сум си го поставувала и порано: Од каде потекува нашето разочарување од другите луѓе? Какви се нашите очекувања кога сопствената енергија несебично ја насочуваме во луѓето, релациите, работата, секојдневието кое не՛ опкружува?

Одговорот лежи токму во самите нас. Во основа, ние сме тие кои се врзуваме толку цврсто за очекувањата што се поставува прашањето дали всушност се разочаруваме од другите и се она што не ги исполнило нашите очекувања? Или пак, се разочаруваме од самите нас, што сме дозволиле воопшто да ни се случи разочарувањето?
Во случајов мене ми се потврди ова второто.
Кога разбрав дека не ме разочаруваат другите луѓе туку моќта која јас сум им ја дала да влијаат врз моите емоции, кога се потсетив дека јас сум таа која единствено има право да управува со сопствените емоции, тогаш многу поинаку почнав да гледам на сопствените разочарувања.

Во основа, се разочаруваме кога нема да ни се оствари нешто што посакуваме, кога другите не го исполниле тоа што ние го очекуваме од нив, кога луѓето кои ги вреднуваме, ги сакаме, почитуваме не се однесуваат така како што ние очекуваме. Ете баш затоа разочарувањето и најчесто ни се случува во другите луѓе и тоа токму од оние на кои самите сме им креирале доволно простор во нашите животи.

Па така, се разочаруваме кога ќе дозволиме нашите емоции да бидат во туѓи раце, кога самите ќе го насочиме фокусот на луѓето околу нас, на настаните, на предметите, на работата, на се што не опкружува. Кога ќе дозволиме токму тоа да раководи со нашите емоции.

Кога ќе разбереме дека единствено наша е одлуката кому ќе му ја доделиме главната улога ракувајќи со нашите емоции, тогаш сосема поинаку би гледале на истата ситуација.

Тоа што многу ни значи, она за што копнееме, сето она кое силно го посакуваме го правиме само со една причина. Затоа што сме убедени дека тоа ќе не՛ направи посреќни. Очекувањата кои ги посакуваме е всушност тежнеењето самите да се чувстуваме посреќно, подобро. Доколку тоа ни се разбистри тогаш поверојатно е дека повеќе нема толку трагично да го доживееме туѓото неочекувано однесување или реакција.

Робувајќи на очекувањата од другите околу нас, од се што мислиме дека ќе не՛ направи посреќни всушност дозволуваме друг да ни ја креира среќата, и да управува со нашето чувство на внатрешен спокој. Но тогаш станува јасно како ден, дека сеуште не сме единствено ние креатори на сопствениот живот. Свесниот креатор знае дека само од него зависи како ќе се чувствува, какви одлуки ќе носи, како ќе го креира секој нареден ден.

А некогаш, кога свесно ќе им дадеме толкава моќ на луѓето околу нас да влијаат на нашите емоции, да останеме мирни и спокојни, благодарни на нашето секојдневие кое не՛ подучува дека треба постојано да учиме и постојано да ја растеме негувајќи ја нашата сопствената личност.   

Напишете коментар